Македонија поразена и од Русија
- Ракомет Mк
- Jan 19, 2019
- 2 min read
Нашите репрезентативци одиграа еден крајно немотивиран натпревар, кој во најголем дел го одигравме со најсилниот состав и во кој губевме безмалку во текот на сите 60 минути.

Нашите репрезентативци одиграа еден крајно немотивиран натпревар, кој во најголем дел го одигравме со најсилниот состав и во кој губевме безмалку во текот на сите 60 минути.
Всушност, единствениот период во кој одигравме како што треба се токму воведните седум минути во кои имавме водство од 0:1, 1:2 и максималните 2:4. Се после тоа мина во безидејна игра преполна со наивни технички грешки, избрзани шутеви и очајна одбрана. Македонија уште еднаш покажа дека нападот 7 на 6 не ни носи успех и во само пет минути примивме неколку гола во празната мрежа, му дозволивме на противникот да направи неверојатна серија од 6:0 и…го загубивме натпреварот. Селекторот Гоналез ја увиде својата грешка и од 12 минута игравме во класична формација со напад со шест ракометари и тоа веднаш даде резултат, бидејќи за само две минути постигнавме четири гола и израмнивме на 8:8. За жал, тоа беше и нашето последно израмнување на оваа средба, бидејќи во понатамошниот тек на првото полувреме промашивме неколку изгледни шанси за гол, кои беа спречени од денеска феноменалниот руски голман Киреев, па противникот првиот дел го заврши со предност од три гола, 17:14.
Во второто полувреме ги повторивме сите слабости и му дозволивме на противникот да има целосна контрола над средбата. Русија релативно лесно стигна до разлика од 6 гола и својата предност ја задржа до самиот крај. На крајот попушти и нивната концентрација, па Македонија успеа да го ублажи сериозниот пораз и да ја заврши средбата со негатива од два гола.
Од младите малку поголема минутажа во вториот дел добија Крстевски и нашиот Танкоски, кој иако играше на за него невообичајната позиција лево крило, сепак успеа еднаш да го совлада Киреев. Последните десетина минути ги одигра и најмладиот во македонскиот состав – нашиот Серафимов.
На Македонија, која ги загуби сите четири средби со селекции од Европа, до крајот на ова СП и преостана уште средбата за 15-то место, која ќе ја играме со поразениот од средбата Чиле – Катар. Оваа средба се игра утре, исто така со почеток во 13 часот.
*Текстот е превземен од официјалниот сајт на ракометниот клуб Металург.
Comments